Од сите инспиративни примери за убаво уредени станови со мала површина, во овој веројатно најмногу доаѓаат до израз суптилните женски допири и нежната нота во дизајнот. Иако располага со само 34 метри квадратни, ентериерот на овој мини стан е комплетно функционален и удобен, но и мошне привлечен, сосема доволен да ги задоволи потребите за самостоен живот на една дама со стил. Гарсониерата е лоцирана во Москва, а најзаслужна за нејзиниот шармантен изглед е Елена Притула, креаторката на комплетниот проект. Целиот ентериер е стилизиран со деликатен спој на бела боја и нијанси на крем, што му дава фин хармоничен, чист и светол тон на просторот. Визуелно го зголемува станот, во комбинација со природната светлина од прозорците и паметно поставените огледала, а истовремено внесува релаксиран амбиент и лежерност во секое катче од дом-студиото. Распоредот се заснива на отворен план во кој се поврзани дневната соба, спалната и кујната, што не е нетипично за мали станови, но во нејзиниот дизајн може да се забележи особена умешност со која е постигната компактност помеѓу просториите. Изборот на едноставна шема на бои и минималистички декор придонесува во таа насока, а со внимателниот избор на различни текстили, текстури и детали во крем, златна и сребрена нијанса, вешто е избегната монотонијата која може да се почувствува во толку еднолично опкружување. Детал кој се издвојува е преградата која е поставена наместо класичен ѕид помеѓу ходникот и спалната соба, а идејата за ваквото решение дизајнерката ја пронашла од слична мароканска испирација. Добро средена, и комплетно модерно оспособена, оваа слатка гарсониера може да се пофали и со паметни идеи за складирање и организација во малку квадрати. Инспирирајте се!