Замислете ја најубавата пролетна идила – помислете си на шарениот свет со весели бои, на цветните дворови и ливади, на прекрасното сино небо, на распеаните птици, на сета ведрина и живост која ни ја подарува ова годишно време. Потоа погледнете како таа е внесена во овој чудесен дом – вистинска пролетна фантазија, зар не? Куќата која денес ви ја претставуваме ќе ве воодушеви со магијата на пролетта оживеана насекаде низ домот. Полна е со светлина, свежина и многу слатки детали, кои кокетираат и во ентериерот, и во градината. Изборот на нежни пастелни тонови, цветни дезени и пријатни ткаенини креираат лежерна и идилична атмосфера на која е тешко да одолеете. Флоралните тапети и свежото цвеќе, пак, живописно ги пресликуваат мотивите од природата во внатрешноста, за која е предизвик да пресудите дали поубаво изгледа или мириса. Се’ e во хармоничен тон, уредено со неизмерна љубов и инспирација од пролетната тема. Уживајте и потсетете се зошто ја љубите пролетта!
Куќа во која царува пролетта
Нежни пастелни тонови, цветни дезени и пријатни ткаенини во домот и градината.