Подготвени за убаво изненадување? Спакувано е во смело и инвентивно дизајниран стан, кој е вистинска инспирација за сите љубители на убавите бои во домот. Пристигнува од рускиот град Новосибирск, во реновиран станбен простор од 1958-та година, за чија трансформација најзаслужна е архитектата Алина Пужак. Со површината од 58 метри квадратни е негде помеѓу мал и удобен стан, но паметниот распоред и добрата организација овозможуваат практично искористување на секој слободен простор за функционална намена. Пријатна дневна соба, трпезарија, компактна кујна и ходник интегририрани се во една отворена целина, а станот располага и со екипирана бања и лежерна спална соба, во која е пронајдено место и за мини канцеларија. Се’ е организирано во хармонично катче за живеење, со дизајн кој ги исполнува сите желби на младиот пар во чија сопственост е овој атрактивен стан. Уникатниот изглед, пак, се должи на неодоливиот спој на жолтата и сината боја, кои како тандем се внесени во секоја просторија, некаде суптилно, некаде поинтензивно. Во овој стан, се покажуваат како совршен избор за разигрување на белината на ѕидовите и неутралните тонови на мебелот и остатокот детали. Ентериерот е уреден е во модерен стил, во кој свежината внесена со веселите бои нималку не одзема од елеганцијата на просторот, туку напротив – одлично се надополнуваат. Зачинет е со фини детали и умерена доза гламур, а каков е ефектот, просудете сами од фотографиите во продолжение.