Сте сонувале ли некогаш за идилична куќа на планина, во која комплетно ќе им се препуштите на миговите на слобода, уживајќи во малите задоволства и хармонијата на природата? Подгответе се да бидете воодушевени од начинот на кој сопствениците на оваа неодолива рустична куќа, своите соништа ги оживеале во стварноста. Ја затекнале во руинирана состојба, но се вљубиле на прв поглед во чудесната панорамска глетка и живописното планинско опкружување на локацијата. Цели четири години посветено работеле на нејзино темелнo реновирање, а тоа не било нималку лесно, со оглед на тоа што станува збор за стара градба од 16.век. Со многу љубов, посветеност и поддршката на дизајнерката Belén Campos, денес воочливи се извонредните резултати, како однадвор, така и во ентериерот. Куќата е комплетно функционална, удобна и модерно оспособена, со соларни панели и подно греење, задржувајќи ги старинскиот шарм на колиба и автентичноста на петвековната градба во процесот на преуредување. Прекрасниот ентериер ги спојува традиционалното и современото во воодушевувачки спој, црпејќи инспирација од францускиот кантри стил. Пријатна комбинација на бои, камени ѕидови, топлина од дрвените допири и каминот, рачно изработени плочки, лежерни парчиња мебел и впечатливи декорации и антиквитети – божествена атмосфера на која ретко кој може да одолее. Нестварно убава!