Ви претставуваме извонредно привлечен стан во Париз, кој освен што се наоѓа на одлична локација близу музејот Лувр, може да се пофали и со оригинално уредениот ентериер. Станбениот простор е полн со изненадувања, интересни бои и различни геометриски форми, кои се мошне убаво искомбинирани. Дизајнерите успеале во секоја соба да создадат по малку необичен, но многу пријатен микс на ретко споивите тонови и дезени. Уреден е во модерен стил, а исполнет е со уникатни, стилски дизајнирани парчиња мебел и декоративни детали. Основата ја сочинуваат неутралните, сиви нијанси, додека колоритноста вешто е внесена преку деталите, кои се деликатен спој на уметност и дизајн, давајќи му впечатлива нота и автентичност на секој простор. Заслужни за неговиот изглед се архитектите од студиото ,,Double G’’, а како изгледа кога ќе се вкрстат модерниот дизајн и шармот на француската метропола, погледнете во фотографиите од ова несекојдневно урбано катче во градот на светлината.