По прекрасната зимска понуда во убави бои, американскиот производител на мебел и декор Pottery Barn одново воодушевува, овојпат со новогодишната и божиќната инспирација, спакувана во најновиот каталог со производи од брендот. Вистински празник е за очите во пресрет на убавите прослави, а нуди неколку различни стилови за свечено украсување на домот, со мноштво идеи за блескав изглед и топла атмосфера во семејната оаза. ,,Luxe Lodge’’ и ,,Ski Lodge’’ ја нагласуваат рустичната нота во декорирањето, во комбинација со суптилен луксуз во домот – за топол, пријатен и секогаш примамлив амбиент. За таа намена, како тандем умешно се споени земјените тонови и дрвените текстури, со неочекувани луксузни детали – подеднакво и внатре, и надвор. За посебен шарм на елката, предлогот е микс на класичните орнаменти, со забавни и разиграни акценти, стилски вклопени со декорот на околните катчиња, за хармонично чувство во целиот дом. И се разбира, има ли нешто поубаво од уживањето во празничната магија во домот, обвиткани со удобна, мека и топла прекривка? Инспирирајте се од топлата зимска приказна, и пронајдете ја омилената идеја за внесување на празничната идила и во вашиот дом.