Со древната градба и сончевата веранда потсетува на колиба од соништата, која во внатрешноста кани со топла атмосфера и мноштво слатки изненадувања сокриени во секое катче. Малата комфорна оаза е сместена во живописната шпанска провинција, со поволна клима и фантастични панорамски глетки. Совршено е нагласена нежната женствена визија на сопственичката, со инспириција позајмена од убавите бои во градината. Умешно се пресликани и во ентериерот, кој е подеднакво шик, романтичен и рустичен, со многу лежерност, комфор и пријатно чувство во секоја просторија. Старите и новите парчиња мебел одлично се надополнуваат, во тандем со топлите дрвени допири и кокетните винтиџ и традиционални декорации. Кога оваа идилична планинска куќичка би била парфем, би опивала со есенцијата на розата, присутна како детал насекаде низ ентериерот. Вистински предизвик e да се одреди дали поубаво изгледа, или, пак, мириса. Доминираат розовите и зелените акценти, нагласени од светлината и нежните пастелни тонови на остатокот од опкружувањето. Не изостанува ниту празничниот декор, со неодоливи аранжмани од рози, гранчиња елка, шишарки и свеќи распрснати насекаде, давајќи и магичен блесок и внатре, и во градината. Се’ е подготвено и украсено за дочек на престојните празници, во убав амбиент, со чаша шампањ и уживање во благодетите на планинската идила. Прекрасна викенд инспирација!
Романтична планинска куќа
Се’ е подготвено за дочек на престојните празници, со чаша шампањ и уживање во благодетите на планинската идила.