Сувост.
Во воздухот.
Во гранките.
Во боите.
Во утрата.
Во ветрот.
Сува сувост.
Во влажната пареа од црното небитие што ми ги стоплува гласните жици на изгрејсонце.
Во излитени метафори стокмени од уште поизлитени автори.
Во летото кое не сака да замине, запретано во есенски лисја, небаре оваа самотнина му е единствена. Оди си.
Сувост во сеништата наречени човек.
Сувост во сувоста на суви усти, собрани од скапан студ.
Есента фрла по некој лист.
Уште е сува, а веќе е Ноември.
Жолти тикви, пожолтени лисја, овенати битија.
Есента е жива со човековата душа.
Ако си есен, ќе ја сакаш зашто ја буди уметноста.
Ако не, ќе ја презираш, зашто носи студови, сувости, хмурности и безличност.
Сувост.
До првиот снег.
Фросина Анѓелкоска