Со топлaта атмосфера која дочекува во просторот, и прекрасно спакуваниот ентериер во малата квадратура, овој инспиративно уреден стан може да се вброи во ретко убавите и функционални станбени катчиња, мечта која е претворена во реалност. Станува збор за станбен простор сместен во поткровјето од стара зграда во Шведска, со површина од скромни 44 метри квадратни. Но, површината не е никакво ограничување, туку сосема спротивното – постигнат е неверојатно удобен и пријатен интимен амбиент, идеален за живот во двојка. Креиран е отворен план на просторот, со една голема целина во која се поврзани дневната соба, спалната, кујната, трпезаријата и катчињата за опуштање и релаксација. Единствената посебна просторија е малата, но екипирана кокетна бања. Необичен, но исклучитечно интересен и привлечен дизајн, со многу шарм, убавина и комфор во концептот за ентериерот. Белата боја е изборот за основа на ѕидовите, а декорот е минималистички, но мошне ефектен. Топлината е внесена во просторот со дрвените допири и рустикалниот камин кој има централна позиција во домот. Мини поткровје од соништата…