Доколку сте љубители на станбените катчиња на две нивоа, подгответе се да бидете воодушевени. Овој инвентивно уреден дуплекс не само што може да се пофали со беспрекорна естетика во ентериерот, туку и инспирира со начинот на кој е испланиран просторот, со многубројни практични решенија во него. Станот е со вкупна површина од 92 м2, а лоциран е во стара градба од 1924 година, со класичен стил, но темелно реновирана неодамна. Распоредот е компактно распределен на две нивоа, со одличен баланс помеѓу двата дела, и кокетна тераса од 7 квадрати сместена на кровот. Белата боја е доминантна во ентериерот, давајќи му светол, свеж и елегантен изглед, во комбинација со светлиот дрвен под, нежните тапети и бледите плочки во кујната. Креирана е отворена целина во која просториите суптилно се поврзани една со друга, со колоритните акценти во различни нијанси на сина боја и префинети пастелни допири. Особено привлечна е дневната соба, во која атмосферичноста на поткровјето и спуштените плафони, фантастично се вклопени со ѕидовите со груби завршетоци и каминот, давајќи му извонредна визуелност и топол амбиент на катчето за дневен престој. Декорот е минималистички, но ефектен, а секој агол е функционално искористен за складирање. Лежерна спална соба, модерна бања со дрвени мотиви, мини канцеларија, и ормар во кој може да се чекори, стилски се спакувани во ова несекојдневно креативно станбено издание. Стан кој има се’ што е потребно, а притоа изгледа феноменално…