Каде и да го свртите погледот во овој прекрасен стан, нова убава идеја и инспирација ви го одвлекува вниманието. Ентериер кој наликува на спој од совршено стилизиран дом и голема креативна работилница, со многу артистички катчиња посветени на уметноста, хармонично поврзувајќи ги модата, музиката, сликарството и книгите. Станот е со вкупна површина од 87 метри квадратни, а сместен во стара градба од минатиот век на убава локација во Гетеборг, Шведска. Внатрешноста е инвентивно уредена, со отворен план на просторот кој опфаќа пространа дневна соба, плакар во кој може да се чекори, и мал, но мошне кокетен балкон. Домира белата боја како основа во ентериерот, разиграна со сини акценти, нежни тапети, слатки винтиџ декорации, антиквитети и микс на колоритни детали со различни дезени и текстури. На секој простор му е посветено доволно внимание, почнувајќи од лежерната спална соба, па се’ до атрактивната кујна со ретро шмек, формирајќи визуелна целина на која ретко кој може да и одолее. Спонтаноста и креативноста, во овој случај се покажуваат како вистински избор, бидејќи не само што му даваат автентичност и личен печат на просторот, туку и сензуална елегантна нота, а притоа се задржани комфорот и пријатниот амбиент за живеење. Боемски шарм и лезет спакувани во несекојдневно уникатно издание!