Хармонијата на природата и топло уредениот ентериер се спојот кој како ретко каде восхитува во овој идиличен дом. Куќата е сместена во прекрасно планинско опкружување, со многу зеленило во дворот и езерце на само неколку чекори од живописната градина. Внатрешноста освојува со рустикалниот амбиент, топлите дрвени допири и традиционално уредените катчиња. Ентериерот совршено се надополнува со идилата надвор, а дизајниран е во смирени и суптилни тонови, преку комбинација на белата како основна боја, со палета од нежни пастелни нијанси. Создадена е отворена целина со големи прозорци и пријатни текстури, во која се вдишува свежината на воздухот, овозможувајќи чувство на слобода и поголема интеракција со околината. Секој простор е посебна инспирација сам по себе, почнувајќи од преубавата дневна соба со библиотека и камин, па се’ до таванската спална соба со магичен амбиент. Воочлива е страста кон книгите, со многубројните мини катчиња за читање и релаксација, лежерно распрснати насекаде низ куќата. Деталите, пак, се умешен микс на антиквитети и цветни декорации, кои повторно ја оживуваат фасцинацијата од идилата во надворешноста, стилизирано внесувајќи ја во ентериерот. Под високите бели плафони со акцентирани дрвени греди, се’ е во совршен спој и хармонично, креирајќи визуелна целина во која секој миг е уживање. Божествена куќа во природа, со топла и пријатна атмосфера како од мечтите!