,,Tuurngait’’ е називот на кусиот дипломски филм режиран од група на пет студенти од Франција. Станува збор за анимирана приказна со многу топла емоција, сместена во еден од најстудените краишта на светот. Во митологијата на Инуитите, зборот ,,tuurngait’’ ги претставува духовите кои си поигруваат и ги мамат луѓето, често присвојувајќи физички изглед на животно за да успеат во намерата.
Процесот на изработка на шестминутната анимација траел година и половина, а како дел од ,,Tuurngait’’ тимот се потпишуваат: Paul, Remy, Benjamin, Mickael и Alexandre. Прикажан е на повеќе од 50 фестивали ширум светот изминатите две години, закитувајќи се со 9 награди на тој пат, а од неодамна е достапен и за пошироката публика.
Mалото дете ескимче (Nanuk) заскитува далеку од селото, љубопитно следејќи ја мистериозната дива птица која ќе му го одвлече вниманието. Неговиот загрижен татко e приморан да тргне по неговите траги низ арктичките мразови, во надеж дека ќе го пронајде пред да биде предоцна. Каков ќе биде епилогот, останува да дознаете откако ќе ја погледнете анимираната авантура во шест минути.