„Евридика“ е претстава во изведба на Драмски театар – Скопје, работена по истоимениот текст на американската авторка Сара Рул, а со режисерски потпис на младата Нина Николиќ.
,,Претставата е ново и поинакво видување на митот за најголемата љубов на светот и на тој начин поставува круцијални прашања за љубовта, времето, животот и смртта. Рул во оваа приказна многу лесно нe води низ спиралниот пат на бескрајното преплетување на нашите животи, нашите сеќавања и љубовта која ниту една смрт не може да ја убие. Оваа драма нe потсетува на влијанието кое го имаат на нас луѓето со кои сме оствариле каков и да било контакт, на влијанијата кои ние ги имаме на туѓите животи, на нашите сеќавања, на свесната и несвесната меморија и на тоа дека човекот не може да заборави. Сеќавањата се запишани некаде длабоко во човечката душа и сето она што нe допрело, останува со нас до крајот на времето” – се вели во критиката на претставата.
Актерската екипа ја сочинуваат: Маја Вељковиќ – Пановска (Евридика), Диме Илиев (таткото на Евридика), Игор Ангелов (Орфеј), Филип Трајковиќ (Господарот на подземјето), Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Трајанка Илиева Таци, Нина Деан, Соња Стамболџиоска и Софија Куновска (Хор од камења).
Костимите ги изработи Ивана Каранфиловска, сценографијата е на Константин Трпеноски, кореографијата ја подготви Нина Деан, а музиката е дело на Александар Пејовски и Тина Трпкоска.
Претставата ,,Евридика’’ имате можност да ја погледете вечерва со почеток во 20 часот на сцената на Драмски театар – Скопје.