Станбено катче кое шармира со маркантните детали од минатото, совршено вклопени со новата, модерна визија за домот. Станoт кој овојпат ви го претставуваме е лоциран во убава реновирана зграда во Гетеборг, Шведска, задржувајќи ги белезите кои сведочат за историјата, како автентичниот камин кој е внимателно сочуван. И покрај релативно скромната површина од 60 метри квадратни, станот делува како навистина да има се’ што е потребно за пристоен и удобен секојдневен живот. Малиот ходник е оспособен со доволно простор за складирање, а води до кујната, дневната соба и спалната. Секоја од овие простории е со лично персонализиран ентериер, зрачејќи со топлина и гостопримлив амбиент. Ѕидовите се бојадисани во прекрасен бел тон, како суптилен контраст на класичниот дрвен под во дневната соба, а со отстранувањето на преградниот ѕид помеѓу кујната и дневната, креиран е оригинален отворен распоред кој освојува на прв поглед. Сепак, спалната соба е она што остава најсилен впечаток во оваа мини оаза на стилот, со спокојот и инспиративната палета на бои, убавиот кревет и мноштвото природна светлина со кои блеска. Погледнете како изгледа овој инспиративно уреден дом…