Иако освојува на прв поглед со слаткиот изглед инспириран од формата на истоимената овошка, сепак, фотелјата ,,Мandarin’’ е многу повеќе од само убаво парче мебел. Таа е повеќенаменско практично решение со инвентивен дизајн, неверојатна флексибилност и многу интересен концепт. Разиграната ,,Mandarin’’ е дело на дизајнерите Вячеслав Чупахин и Геннадий Мартынов, претставено на iSaloni Worldwide 2013 во Москва. Фотелјата е со сферична структура, составена од осум меки и пријатни мобилни елементи кои меѓусебно се поврзани со патент. Одлично се вклопува во различни опкружувања, како во станбени, така и во канцелариски простори, и може да се прилагоди за повеќе различни намени. Лесно се претвора од табуретка во удобна фотелја, софа за опуштање и релаксација, па дури и кревет на кој може да се спие. Со раздвојување на елементите, пак, може да се креираат парчиња со различен облик и големина, и да се обезбеди место за седење за најмногу осум особи. Достапна е во повеќе дезени, со забавна комбинација на живи бои, и совршена е за удобен дневен престој или седенки на мала група луѓе.