Спална соба, трпезарија, кујна, купатило, ормар, па дури и ходник и скалила, заедно со значителен простор слободен за дневен престој, спакувани се во микро стан со површина од само 28 м2. Се прашувате како е возможно се’ ова да се смести во толку малку квадрати? Одговорот на ова прашање го дава студиото Beriot Bernardini Arquitectos, со импресивната трансформација на канцеларија во шпанската престолнина Мадрид, во инвентивно дизајниран стан, кој со својот изглед симпатично потсетува на мала бела кутија. Креативното дизајнерско решение е базирано на структура на сложувалка, со многу прегради, паметни идеи за складирање, но и импресивни дизајн техники кои се искористени при проектирањето, а кои му даваат исклучителна удобност и функционалност на малиот простор. Тој е во основа еднособен стан, но ги има сите функции и погодности кои би можеле да се пронајдат во една пространа куќа, искористувајќи ја висината од 3,5 метри за креирање на две нивоа, на кои паметно се распоредени сите неопходни простории. Екипираната кујна е затскриена позади белата врата веднаш до трпезариската маса, додека купатилото, пак, сместено е зад кујната. До спалната, која е издигната на второто ниво над кујната, се стигнува преку флексибилните скали, при што секој агол, почнувајќи од скалилата, па се’ до спалната, рационално е искористен како простор за складирање. На тој начин, речиси половина од површината останува слободна за наменско уредување на дневна соба по желба. Минијатурно станче кое навистина има се’ што е потребно за пријатен живот. Погледнете ги фотографиите…