Современиот шведски дизајн се покажува како вистинското решение во овој еднособен стан, сместен во станбена зграда во историски дистрикт на прекрасниот Гетеборг. Станува збор за едноставен, лаконски и функционален концепт, со паметни идеи за искористување на просторот, кои му даваат чувство на отвореност и поврзаност на собите. Иако со мала површина од 44 метри квадратни, животниот простор е подеднакво практичен, колку што е и стилски реализиран. Креирана е една отворена и компактна целина, во која хармонично се поврзани дневната соба позиционирана до прозорецот, модернистичката кујна со трпезарија, и мини спалната издигната на второ ниво. Под неа, пак, просторот рационално е искористен за гардеробер и домашна канцеларија, а во засебен простор е издвоена единствено малата, но пријатна црно-бела бања со туш. Скромната квадратура визуелно е зголемена со изборот на белата боја како основа, во комбинација со акцентираните ѕидови со цигла. Контрастот на светли и темни дрвени допири на подот, пак, внесува топлина и пријатен амбиент во ентериерот. Декорот е минималистички, комплетно следејќи ја нежната линија и хармоничниот тон во кој е уреден овој сладок дом. Инспирирајте се!