David Renshaw е талентиран британски сликар, чија страствена љубов кон сликарството и графичкиот дизајн денес му овозможува да го живее својот сон – да биде успешен и реализиран уметник. Со магијата на сликарството се запознал уште од рана возраст, кога неговиот татко го подучувал на основните вештини на сликањето, и оттогаш сонувал дека еден ден ќе стане уметник. Завршил студии по графички дизајн, но голем дел од својот живот го поминал работејќи како помошник во уметнички галерии, за конечно во 2005-тата година да се одлучи да започне со создавање на сопствени дела. ,,Ted n’ Doris – A Northern Romance” ( ,,Тед и Дорис – Северна романса’’) е називот на неговата ликовна ода на љубовта – импресивна љубовна приказна раскажана низ серија цртежи создадени со живи акрилни бои. Секоја слика е приказ на различен амбиент, локација и авантура во која се наоѓа парот, секогаш придружени од срцето како симбол за вечната љубов која ги следи низ сите предизвици и на секое место. Делата на Renshaw се романтични и атмосферични, со посебно внимание посветено на небото и формацијата на облаците. Тоа е елементот од неговиот креативен опус кој го смета за особено важен за амбиентот на завршеното дело, без оглед на тоа дали се работи за драматично зајдисонце, или, пак, мистична месечева ноќ. Уживајте во уметноста на љубовта….