Нежна, светла и сензуална, со примамлива цветна нота и безброј слатки детали – оваа пријатна спална соба во голема мера го остварува сонот на секоја девојка, и е инспиративен пример за женствено стилизирано катче во домот. Изборот на бои е многу суптилен, со деликатен спој на повеќе различни нијанси од палетата пастелни тонови, одлично вклопени со сините акценти на дел од мебелот. Внесуваат свежо и пријатно чувство во просторот, со максимално комфорен амбиент за престој во спалната. Минималистички е уредена, без претерано многу мебел и елементи за складирање, но со многу инвентивност кога е декорот во прашање. Вешто се искомбинирани повеќе материјали и дезени, преку смел микс на дрвени допири, меки ткаенини, традиционални плетки и нежни флорални тапети, со кокетни винтиџ декорации и многу свежи цветни аранжмани насекаде низ собата. Спалната располога со засебен простор за гардероба и мини бања во склоп на неа, заедно формирајќи една прекрасна хармонична целина со убавина и максимална функционалност. Дамскиот шарм е воочлив до најситниот детал, а на секој агол се празнува женственоста во романтично издание, во просторот за кој најтежок предизвик е да се просуди дали поубаво изгледа, или, пак, мириса…