32 метри квадратни никогаш не изгледале толку елегантно и урбано стилизирани, како во овој мини стан со извонреден изглед, лоциран во руската престолнина Москва. Освојува со својата елеганција, масивност и модерниот дизајн, иако станува збор за еднособно станбено катче со толку мала површина. За паметното решение на ентериерот одговорно е дизајнерското студио ,,Curly Studio”, а визуелниот ефект постигнат е со замена на ѕидовите како прегради, и функционално позиционирање на дрвен мебел за складирање наместо нив. Така, целиот простор е една целина во која собите се суптилно поврзани една со друга, создадено е чувство на отвореност во станот, а умешно е обезбеден и проток на природната светлина насекаде, со оглед на тоа што станот располага со само еден прозорец. Дизајнот е кохезивен, со микс на беж, сива и црна нијанса присутен во секој простор, и деликатна комбинација на светли и темни дрвени допири кои внесуваат топлина и пријатен амбиент. Делува многу поголем од она што фактички е, и изгледа богато и софистицирано – совршено ,, bachelor’’ катче!