Дали го препознавате чувството дека меѓу илјадници луѓе се чувствувате како да сте сами? Како да сте набљудувач на сопствениот живот и се гледате преку затворен прозорец и никој не допира до вас?
Одбројувајте до вистината, одбројувајте до почетокот на вашата борба, исполнете го вашиот најлуд сон, верувајте во себе, не се плашете од непознатото, од тоа да не бидете напуштени…свртете се кон љубовта, сакајте се себе си, фокусирајте се …
Весна Петрушевска, Јелена Јованова, Тања Кокев, Тони Зен, Винка Саздова, Магдалена Ѓорѓиева и Трајче Стојанов го отвораат прозорецот на нивните животи за да испратат една многу силна порака: ВИЕ НЕ СТЕ САМИ.
Пи Ворлд во соработка со Издавачки Центар Три, Тулип Продукција и Навигаторс на 16 Октомври ќе го претстават филмот СТРАВОТ на Коста Петров, ексклузивно и премиерно со само едно прикажување во 20.00 часот во киното Cineplexx. Билетите се веќе пуштени во продажба.
“Филмот е направен за секој од нас кој секојдневно се бори за да преживее и доаѓа до оној момент: ”Доста е, веќе не можам”. Кога го менуваме светот, секогаш тргнуваме од себе. Така и овие 7 луѓе решија да тргнат од себе, да Ве пуштат во својата најдлабока интима, да се соголат пред нивниот страв и да Ви покажат дека битките нам ни се исти, а непријателот ни е заеднички. И кога веќе сите се бориме со СТРАВОТ, зошто да не се здружиме? Зошто да не се охрабриме и поддржиме? Зошто да не ги споделиме своите искуства? Зошто да не си помогнеме едни на други? Токму тоа е суштината на овој филм, она што се провлекува низ секоја приказна, она што останува како заедничка порака:” Не се откажувајте никогаш, стравот се победува, сите ние можеме да излеземе победници”. Ве покануваме да го проследите филмот заедно со нас, и да помогнете оваа борба да прерасне во организирана војна против нашиот заеднички непријател: СТРАВОТ мора да се победи – вели Коста Петров, според чија книга е и снимен документарецот.
Документарниот филм е надополнување на книгата која е своевиден учебник и насочник за борбата со стравот. Сите поглавја се оживеани и отсликани преку животот на оние кои што едноставно посакале излез. Тие се мотивационата приказна за секој од нас, почеток на промената која ќе ја сноси животот. Снимен е буквално во еден “здив”, и со една цел, победа над Стравот.
Јелена Јованова
Стравот го доживеав во периодот кога ми се случуваа најубавите работи, тогаш атипично за моите години, престанав да верувам во себе… Само една работа е суштинска за да се дојде до вистинската среќа, треба да се најде правиот фокус….
Винка Саздова
Токму кога тргнав да се справам со мојот најголем страв, всушност го доживеав…Авионот паѓаше, реков, зарем сега кога тргнав да направам нешто со себе, зошто не кога ќе се враќам назад…
Весна Петрушевска
Стравот е човечка несигурност, мој најголем непријател. Имам страв од сама себе, поради моето предавство према себе, во два наврати. Тоа беше последица на мојот континуиран животен страв, да не бидам напуштена.
Тони Зен
Доколку направите визија за себе и едно сценарио, тогаш го знаете почетокот и крајот на филмот. Тогаш стравот нема да биде присутен.