Извонредно добро испланиран и уреден, со елегантен дизајн и фасцинантна тераса од која застанува здивот – овој стан со површина од 87 м2 е вистински празник за очите. Станува збор за пентхаус лоциран на поткровјето од зграда во шведскиот град Малме, кој со својот урбан изглед и паметни решенија во ентериерот е инспирација, и катче кое секој би го посакал за себе. Прекрасна пространа тераса е сместена на кровот, со панорамска глетка од срцето на градот, опколувајќи половина од пентхаусот, и со директен пристап од дневната и главната спална соба. Со одлично уредениот екстериер кокетно докажува дека кога на надворешноста ќе и се посвети доволно внимание, чудесни нешта можат да се создадат – да се дополни, или, дури и надмине она со што фасцинира ентериерот. На терасата се поставени идилични катчиња за седење и џакузи за капење под отворено небо, во пријатен и по малку магичен амбиент. Но, и внатрешноста не е помалку впечатлива: просторот е функционално адаптиран и оспособен, со игра на белата и црната боја, надополнета со колоритни акценти во интензивни бои, кои му даваат разираност и визуелно го зголемуваат просторот. Располага со суптилна дневна соба уредена со луксузен мебел и декор, светла и артистичка трпезарија и кујна во црно-портокалова комбинација, сите обединети во еден отворен комфорен простор. Деталите ги сочинуваат мноштво дрвени допири, уметнички декор, поп-арт принт, и цветни украси кои внесуваат топла нота и пријатна атмосфера во просторот. Спалните, пак, се бели и минималистички, но многу симпатично реализирани, со акцент ставен на светлината и лежерноста, љубовта кон книгите и шарените дезени, а воодушевува и засебниот простран плакар во кој може да се чекори…Љубов на прв поглед!