Yann Pendariès е француски професионален фотограф и илустратор. Живее и создава во Париз, негувајќи го вкусот за малите нешта во животот: задоволството од кафето испиено во малите париски бистроа, прошетките во Луксембуршката Градина, пикниците крај реката Сена. Креира фина уметност за која инспирацијата ја црпи од атмосферата во старите дистрикти и прошетките низ париските улици, со љубов кон фотографијата која ја открил уште во детството. Неговата серија насловена ,,Les petits métiers’‘ (,,Малите занаети”) ја сочинуваат артистички принтови со фантастичен, имагинативен, духовит, инспиративен и ведар приказ на малите, но многу битни детали од секојдневието. Во илустрациите е прикажан минијатурниот човек, наспроти максимизираните објекти, извршувајќи нетипични работни задачи многу детално, од осветлување и украсување на Месечината, до облагородување и разубавување на слатките овошки. Принтовите на Pendariès се комбинација на фотографски автопортрети на авторот и волшебните финеси со кои ги илустрира подоцна, создавајќи чудесен свет во кој ја нуди својата магична визија за животот. Целта му е да ги нурне сите оние кои ќе ги погледнат, во идиличен свет каде соништата и поезијата прават да се заборави на грижите од секојдневието, да ја откријат убавината на едноставните нешта околу себе, и потоа, никогаш повеќе овие мали животни нешта да не ги гледаат на истиот начин. Уживајте и инспирирајте се од волшебниот свет на малите работи.
Волшебниот свет на малите работи | Yann Pendaries
Aртистички принтови со фантастичен, имагинативен, духовит, инспиративен и ведар приказ на малите, но многу битни детали од секојдневието.