Постојат места кои едноставно ви изнудуваат насмевка на лицето, освојувајќи со својот оптимистичен изглед и позитивната енергија со која буквално зрачат. Едно токму такво, неверојатно слатко, привлечно и шарено е ова станбено катче со непретенциозен, а сепак толку атрактивен дизајн кој никого не може да го остави рамнодушен. За љубовта на прв поглед најмногу се ,,виновни” веселите и впечатливи бои кои ги има насекаде, внесени во големи количини преку деталите, придонесувајќи за ведрата атмосфера која царува во домот. Иако со скромна површина од околу 60 метри квадратни, станот е максимално функционален и рационално оспособен, со прекрасно и инспиративно уреден ентериер кој го сочинуваат изненадувачки многу колоритни детали, но кои извонредно добро се вклопуваат во целината. Белата и светлите пастелни нијанси ја сочинуваат основата на ѕидовите, мебелот и подот, додека декорот кокетира со палетата интензивни тонови и сјајните неонски бои. Станот е типична градба од 50-тите, со високи плафони, а и со изборот на декорациите се евоцираат спомени од минатото, преку мноштвото интересни украси и детали со ретро нота и винтиџ шик шарм. Дека хармонијата владее во просторот, симпатично сведочи и неодоливиот тандем домашни миленици, кои како најубав жив ,,декор” дочекуваат во пријатниот амбиент исполнет со многу позитивна животна енергија.