Популарниот шпански бренд ZARA, во новата колекција на линијата аксесоари за домот, нуди грст идеи и инспирации за посакување топло добредојде на новото годишно време во домот. На самиот праг на есента, каталогот есен/зима ’13 во голема мера ги отсликува најактуелните светски трендови за уредување на домот. Најголем тренд за престојната сезона е тенденцијата за доближување на внатрешноста на домот со се’ она што се случува надвор, преку избор на бои, материјали и детали кои ќе ја внесат и пресликаат природата во ентериерот, максимално рефлектирајќи ги промените кои се одвиваат во околината. Во таков манир е и самиот каталог – комбинација на идилични есенски пејзажи, и стилизиран приказ на нивниот оддек во инспирацијата за убаво стилизирано катче. Што се однесува до тоновите и мотивите кои доминираат, каталогот донесува палета на бои во која се најнагласени темните пастелни и неутрални тонови, зелената, беж, крем, пудер и сивите нијанси, како и темно сините и црни акценти, во комбинација со белата боја. За покласичните амбиенти, тука се принтовите кои креираат хармонично и топло чувство, а масите се ,,облечени” во привлечен кантри стил. Златен сјај, цветна нота, впечатливи бои, ,,анимал” принтови и барокни допири….Мноштво идеи за инспирација, во пресрет на уште една нова, убава сезона во домот. Одберете ја вашата!