Сечи, сечи. Знам дека тоа правиш сега. Седнат/седната на маса, со кошничка јаболка пред тебе, со ноже во раката. И проверуваш: ако го пресечеш надолж (како сите што прават), гледаш две долгнавести дупчиња, ко солзи, а во нив семе; ако го пресечеш попреку (како никој што не прави), гледаш ѕвезда неродена а зачната, уште со семе светлосно во неа.
И сечеш се’ нови и нови јаболка, и проверуваш дали ваистина е така, оти не можеш да си простиш што во животот си се поведувал/поведувала по другите, по знаењето (оти така те научиле, јаболкото надолж да го сечеш а не попреку, како да е забрането, некултурно и ненормално тоа „попреку“), и никогаш не си пробал/пробала да сториш нешто на свој начин, па затоа секогаш убавината била сенка на која си ѝ го свртувал/свртувала грбот, без да знаеш дека таа, кутрата, одела по тебе, довикувајќи те да ја видиш. И којзнае колку други такви убавини до сега си пропуштил/пропуштила, колку небеса и ѕвезди слезени на земјата, само затоа што не си бил свој/своја!!!
* извадок од „Вештица“ – Венко Андоновски