Деталите се оние кои го креираат амбиентот во просторот, а во оваа спална соба тоа се внимателно избрани суптилни и нежни декорации кои и дават исклучително романтична и женствена нота. Бело – црвената комбинација доминира во просторот, играјќи со тоновите на нежноста и страста, а смирена е со вметнување на светли пастелни нијанси во опкружувањето. Изборот на рустикални дрвени допири, архаичен мебел и антиквитети совршено се вклопува во целата приказна, наликувајќи на романтична сцена во која носталгично се пресретнуваат спомените од минатото и историјата. Пространа и комфорна, со светол тон, во спалната соба при дизајнирањето значаен акцент даден е на релаксираното чувство и лежерноста, па така, уредена е пријатно, со природни материјали и меки ткаенини, а обезбеден е продор и на мноштво сончева светлина во просторијата. Поставени се две позиции за седење токму крај прозорците, со избор на неодоливо ,,chill out” катче за читање, како решение за просторот под еден од нив. Особено привлечна е винтиџ бањата, која со својот романтичен традиционален изглед е реплика на оние од 19-тиот век. Многу цветен декор, светлина, свежина, поетична магија и романтичен амбиент кој се разлева насекаде – инспирација до најситен детал за создавање на романтично издание и во вашата спална соба.