Љубовта кон цвеќињата и суптилниот женски допир во уредувањето се сензуалниот спој кој му дава романтична дамска нота на овој нежен ентериер. Декоратерката и стилистка Gaby Conde ги обожува цвеќињата, особено розите и лалињата, па нејзиното место за живеење е исполнето со цветни мотиви и аранжмани со свежо цвеќе, во таа кои ужива постојано и насекаде во домот. Истовремено, како избор на бои за ѕидовите и мебелот се вдахнати тонови од цветната палета, при што зелената и розовите нијанси доминираат во просторот, а надополнети се со бели и светли пастелни тонови, исполнувајќи го со многу свежина и релаксиран амбиент. Тапетите со цветен дезен, уникатните парчиња со личен печат од дизајнерката и многубројните романтични украси и детали се вклопени во неверојатно убава целина. Во просторот е присутна и топлата рустична нитка, со дрвените детали и традиционалните декоративни финеси кои му даваат посебна магија на станот. Омилено место во домот и е катчето крај прозорците, каде се позиционирани интересни решенија за одмор и пријатни мигови во светлината која доаѓа однадвор. Многубројните инспиративни идеи за префинет дамски декор ја прославуваат женственоста на деликатен начин, во светло и по малку поетично издание. Ѕирнете во романтичното женско царство и пронајдете ја омилената инспирација и за вашиот животен простор.