Овој колоритен стан со светли акценти можеби не се вклопува во сечија визија за идеално уредување на ентериерот, но едно е сигурно: ќе ги воодушеви сите вљубеници во поп-арт уметничкото движење. Сместен е во гламурозниот Санкт Петербург во Русија, со површина од 100 метри квадратни, и е во сопственост на млада креативна двојка, и двајцата дел од модната индустрија. За неговиот комплетен дизајн се погрижил креативниот тим на Pavel Polinov Studio, следејќи ги нивните желби и замисли за оригинален, но функционален стан, а со инспирирација за уредувањето позајмена од уметноста на Енди Ворхол и Рој Лихтенштајн. Фасцинацијата од поп-арт темата е воочлива во секој простор од станот, со изборот на интензивни бои кои се како ,,излезени’’ од некое дело на Ворхол, и декоративни допири сочинети од мноштво украси и принтови со поп-арт мотиви. Почнувајќи од колоритните акценти на мебелот во јаки тонови, па сè до начинот на кој се разигрува просторот преку играта со бои на декорот и ѕидните апликации, сè е вклопено во уникатна модерна интерпретација на поп-арт ентериер. Со богатиот, но внимателно избран декор во ентериерот, тешко е да се одреди центарот, бидејќи сите соби наликуваат на апартмани сами по себе, надополнети со елегантни и луксузни допири и орнаменти кои му даваат софистицирана нота на станот. Применет е микс на повеќе различни стилови, за кои на прв поглед може да се помисли дека се некомпактни, но во конкретниот случај заедно формираат одлична целина, со неверојатно модерен, урбан и гламурозен изглед.