На медитеранскиот остров препознатлив по богатата историја и неверојатните архитектонски градби, хотелскиот комплекс Capri Tiberio Palace се издвојува како идеално место за доживување на неговата магија. Лоциран е во најживиот дел на Капри, а притоа извишен доволно високо за да може да се ужива во идиличните панорамски глетки на морето. Хотелот е реставрирана вила од 19-тиот век, со внатрешност уредена во модерен стил, што создава интересен и необичен контраст со традиционалната старинска градба на екстериерот. Деталите и декорот се внимателно избрани да се вклопат со духот и атмосферата на италијанското островско гратче, а ентериерот буквално изнудува воздишки со својата оригиналност. Секој простор е со уникатен дизајн, а секоја соба поинаква од останатите, па така, од 60-те соби, меѓу кои и 17 апартмани со кои располага, во сите може да се сретне различна инспирација и избор на тема, со извонредна палета на бои, материјали, мотиви и автентичен декор. Кокетно, ентериерот води на стилизирано патување низ фантастичниот морски свет и ретро шармот на 50-тите години, во несекојдневно убаво спакуваната шик целина со луксузни допири и колоритни акценти. Магичното доживување на островската бајка завршува на терасата издигната на самиот кров, на која задоволството ја доживува својата кулминација.
Медитерански раскош | Capri Tiberio Palace
Во срцето на италијанскиот остров Капри, на само неколку минути од легендарниот плоштад La Piazetta, сместена е вистинска оаза на стилот, убавината и раскошот.