Сместена на бајковитиот бел остров Санторини, на прекрасна локација во Акротири од која се наѕираат воодушевувачките глетки на преубавиот вулкански остров, вилата Michaela Residence претставува вистинска летна идила за вљубениците во шармот на кикладската архитектура. А во неа: колоритни слики и уметнички дела, елегантен мебел, бојадисани ѕидови, дрвени тавани, камин и неверојатни видици – сите елементи во хармонија со автентичната белина, давајќи и на вилата топол, разигран и весел амбиент во кој со радост се дочекува секој момент. Со уникатен и специфичен дизајн, вилата е оригинално уредена во внатрешноста, со максимална посветеност на деталите во секој простор, и учество на врвни грчки уметници во нејзиното декорирање. Ехото на морето се чувствува насекаде, со летниот декор и свежите тонови кои доминираат во ентериерот, како и мноштвото прозорци низ кои продира природна светлина и кои ги откриваат фантастичните пејзажи со кои е опкружена. Вилата располага со четири спални соби, три бањи, комфорна дневна соба со трпезарија, цветна градина, простран базен и безброј други погодности за комплетно уживање во убавините и раскошот на Санторини. Во надворешноста без здив оставаат погледите на морското синило, а кога мракот ќе падне, се палат романтичните амбиентални фенери и сè заблескува во сјајот на магичната атмосфера…