Атрактивната куќа дизајнирана од Ryan White е вистински дом од мечтите и сон на вљубениците во идејата за идилична куќа на плажа, постојано опкружена со звуците кои одекнуваат од брановите, и романтичниот ритам на ветерот во ноќите. Сепак, идеалната локација и поставеноста не е единственото со што се издвојува овој прекрасен дом, туку и со одлично уредениот ентериер и карактеристичниот надворешен изглед. Во внатрешното уредување, воочливи се комфорот, свежината, релаксираноста, пријатниот амбиент и чувството на чистина, постигнати со изборот на белата боја како основа на ѕидовите и плафонот во секој простор, и големите врати/прозорци низ кои продира природна светлина, умешно воспоставувајќи контакт со се она што се случува надвор. Ентериерот е несекојдневен микс со личен печат на дизајнерот, во кој се интегрирани повеќе стилови, спој на старото и модерното, елеганцијата и колоритноста, и допири од дрво и бамбус. Неутралните, смирени и пастелни тонови на мебелот искомбинирани се со изразено живите, динамични и јаки бои на додатоците, и умешно избраните детали, како мноштвото украси и декорации со морски мотиви и цветните аранжмани со хортензии. Онаму каде завршува со воодушевување внатрешноста, се надоврзуваат уште поневеројатните пријатни тераси, а особено песочниот двор, позициониран на самата плажа, на само чекор од океанот. Постои ли нешто поубаво?
Куќа на плажа | Ryan White
Сместена е на брегот на сончевото Малибу, во Калифорнија, со директен пристап до песочната плажа и глетки на океанското синило од внатрешноста.