Личност со немирен дух, широки хоризонти и умешност да ја пронајде убавината и на најскриените места. Кога другите се откажуваат од потрагата, тој успева преку своите фотографии да ја извлече убавината и најскриените емоции и пораки на површина. Креативец во душа, со желба за постојано надоградување на самиот себе, Ви го претставуваме Мартин Менковски Марменски.
„Уживам во убавите работи, но убавите моменти се кратки. Доколку на нив се погледне преку објективот, тие остануваат недопирливи на времето, остануваат наш потсетник за минатото и инспирација за сегашноста.“
Серијата фотографии која ние Ви ја претставуваме е креативна претстава на чистината, совршеноста и убавината во уживањето кое морето ни го нуди. Бунтување, прегратка, или само дел на природниот тек на работите во природата? Судејќи по овие фотографии уживањето во брановите на морето е бесценето, а нивното меморирање предизвик и мотив за секој фотограф.
Со точно определени приоритети и јасно дефинирани цели, фотографирањето за Мартин претставува хоби и алатка одредени моменти од животот да ги направи имуни на времето.
„Креативноста е веројатно најспонтаниот дел од мојата личност, нишка во мојот карактер, дел кој ме прави тоа што сум.“