Спомен куќата на Тоше Проески во Гумење, Крушево е меморијален дом каде се овековечени ликот и делото на најголемата и несомнено најпопуларната македонска музичка ѕвезда, модерна архитектонска композиција која симболизира хуманост, долговечност и верба.
Градбата со форма на крст, изградена воглавно од бетон и стакло, се простира на околу 870 метри квадратни. Крстот ја симболизира неговата верба, бетонот е симбол на едноставноста и долговечноста, стаклото говори за човековата минливост и ранливост, а водата ја претставува чистотата и животот. Екстериерот на ова уметничко дело е само вовед на она што Ве очекува внатре – модерен ентериер со чисти линии исполнет со фотографии и бројни лични предмети од детството, тинејџерството и врвот на кариерата на покојниот музичар. Во централниот дел на објектот е поставен молитвеник и лични верски предмети што ги поседувал, како и неколку негови запишани мисли за вербата, љубовта, семејството и пријателството.
Во склоп на објектот има и кафетерија, сувенирница, платформи со панорамски поглед на Крушево, хортикултурно уреден простор, парк со цреша и амфитеатар за собири и одмор на посетителите.
Потврда за супериорноста на оваа градба е престижната награда за најдобро архитектонско дело за 2011 година, освоена на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона. Идејниот проект е на архитектите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски во соработка со Илија Божиновски.