Есента е совршено годишно време за прошетки во прекрасните европски градови, а провлекување на топлите денови во есента оваа година, создаде уште попријатни временски услови за патувања. Пред извесно време, ви ги презентиравме убавините на Кембриџ во есен, а овојпат за посета Ви го предлагаме главниот политички, трговски, културен и индустриски центар на Унгарија, Будимпешта. Градот кој се протега на двата брега на реката Дунав, важи за еден од најубавите во Европа, со голема култура и традиција, совршен портрет на спој на историја и модернизам.
Будимпешта е дефинитивно град за пешачење, погоден за долги прошетки по Плоштадот на Хероите, градските паркови како Островот Маргарет, разгледување на преубавите дворци, катедрали, синагоги и седнење на терасите на малите удобни кафулиња и ресторани во градот. Архитектурата на градот е нешто што е особено за Будимпешта. Изобилува со влијанија на Римската Империја, Готски и Нео-готски, Ренесансни и Нео-ренесансни, Барокни, Арт Нуво како и остатоци од Отоманската Империја. Од внатрешните активности, вреди да се посетат некои од стотиците музеи, како уметничките: Музејот на Убави Уметности, Музејот на Современа Уметност, Музејот на Музичка Историја, Националната Галерија, историските и природнонаучните музеи, а не смеат да се пропуштат музеите со необична тематика како: Музејот на Поштенски Марки, Музејот на Електротехника, Музејот на Транспорт, Железничкиот Музеј и Кодак – филмскиот парк. Од останатите активности, доколку го сакате животинскиот свет, дефинитивно треба да го посетите Тропикариум – најголемиот аквариум на солена вода во Европа и зоолошката градина, кои се домови на илијадници водени и копнени животни.
Освен што климата е совршена и градбите изгледаат извонредно во боите на есента, во овој период од годината во Будимпешта се случуваат повеќе културни и забавни настани како: Интернационалниот Маратон, Кафе Будимпешта – Фестивал на Современа Уметност, Недела на Дизајн и повеќе гастрономски настани како: Фестивалот на Палинка и Колбаси, Новиот Фестивал на Вино и Сирење и Вкусот на Унгарија – Гастро Саем. За крај, да Ве потсетиме, Будимпешта не залудно е позната и призната туристичка дестинација и доколку не сте ја посетиле, направете го тоа оваа есен.










