~Елегии за Тебе~
Вчера cипојдов, наминав
низ таја гора зелена,
под тија буки високи,
по килим сенки широки.
Одев со глава замаен,
наведнат, мртов, зачмаен;
одев со грутка на срце
и кара камен на гради.
Дејгиди горо зелена!
Дејгиди водо студена!
Пилците пеат – ти плачеш,
солнцето грее – ти темнеш.
Ако ги криеш коските
на дели млади јунаци
тука што лежат по тебе
во тија темни дубрави –
зошто ги таиш песните
Зошто по тебе дрвјата
и на дрвјата гранките
и награнките лисјата
шумолат скришно таговно?
2.
Таму горе на небото
зора руди, земја буди,
ден морави шири крила
и алова точи свила,
таму зора црвенее –
мое срце ми црнее.
Ископајте длабок бунар,
извадете ладна вода,
натопете лути рани
да негорат, данеболат.
Зоро златно и румено!
Зоро слатка посестримо!
Ти изгреваш надалекy –
дали еднаш ќе изгрееш
силно, силно, дури милно
над долови и над гори,
над полиња и над реки,
над мојата татковина?
3.
Два брега – двата стрмнини.
А од брег на брег танок мост.
Под мостот вода морава –
тече и мие ранава.
Тече од векот вековит
и нова и се понова,
тече, а тука маките
се стари и се постари.
Тече и влече со себе
сичко што стои пред неа,
а на брегови животот
чмае утро скот зараснат!
Течи сиво до студена!
Течи си – рони брегови!
Течи – и нам низ срцето
нели и крвта ни тече?
4.
Скотски е, скотски живот аргатски
у темно заѕидан,
до скот сме си скопо притиснати
на овој свет убав.
Кој ви ги скрши белите крилца,
крилца на галаби бели?
Кој ни замати извор и бистри,
извори на души чисти ?
И кој раздвои, и кој раздвои
човек од човек со ѕид ?
И кој паправи, и кој направи
човек на човека роб!
Та човек од човек
да страда
и тегне
и бега
од лулка до гроб!
5.
Ти да знаеш, паметуваш
и ем да си наум имаш –
работник си – и работник
ти ќе паѓаш и се дигаш.
Луњи ли ќе пусти дојдат,
солнце ли ќе јасно грејне
патиштата, патиштата
пред тебе се на борбата.
Како смртта вечна што е,
така борба долго трае.
Но од смртта е посилна
по патиштата борбата!
6.
Исцедете, ограбете
пот и труд и меса голи,
уста пуста затворете,
да не каже оти боли.
Очи црни искoпајте
да гледајат не давајте,
раци машки прекршете,
срце лудо наранете.
Угаснете и светлини!
Мрак да биде – каракамен.
Има, има – втемнината
нешто живо пак да свети:
има болка на душата,
има души на ранети.
Болка боли – болк агори,
болка пече, душа мори.
А болката кога свети –
тешко, тешко, тешко клети!
Кочо Рацин