Во навидум најубавиот период од годината, без разлика дали сте обожавател на новогодишната атмосфера или сте само нем набљудувач – неоспорно е дека еуфоријата порано или подоцна ќе допре до Вас и ќе направи да се чувствувате поубаво од вообичаено. Доказ за тоа се многубројните реклами, декорации, желби; се’ она што го прави периодот магичен и отвора покана за дружење и споделување на семејните и пријателските мигови.
Во контекст на истото, не заборавајте на моментот да си подарите убави мигови самите на себе. Друштвото со добра книга и оваа година е неизоставно токму поради одличните програми на нашите книжарници…
Издавачки Центар ТРИ веќе го претстави својот каталог, за Зимскиот фестивал кој носи раскошна и разнообразна понуда на книги со сезонски попусти до 50 % на над петстотини изданија на ТРИ, Паблишер, како и на литературата на странски јазик, празнични пакети со книги подготвени за подарување, одлична акција на 5 наслови за 499 денари, како и многубројни интерактивни настани со авторите и членовите на Клубот на читатели на ТРИ.
Паралелно на тоа, реагира и книжевен Центар Антолог – од таму порачуваат да ѝ подарите читател на секоја книга преку нивниот водич за подароци. Во истиот може да најдете предлози за секого, точни насоки како да се подари читател на секоја книга и да си купите 10 (одбрани) наслови за 599 денари.
Попустите се дел и од издавачката куќа Полица, која неодамна ја отвори својата книжарница во центарот на градот (спроти гимназијата Јосип Броз Тито) – во новиот простор може да ги најдете сите нивни изданија со снижени цени.
Просветно дело како и секоја година, освен попустот на детска литература и дел од нивните изданија нуди и попуст на други подароци кои може да се најдат во нивните книжарници.
Книготека Икона подготви одличен попуст во нивниот салон во ГТЦ, нудејќи книжевни подароци по одлични цени – покрај тоа, во тек е и нивниот попуст во Рамстор на одредени изданија.
Светот на книгите, односно Култура го нуди следново: дел од изданијата на Култура кои може да ги набавите со 20% попуст во книжарница Култура или 30% на www.kultura.com.mk од 15 до 31 декември 2018 година.
Пакет книги на попуст стои во понудата на Литература.мк. Зошто да купите само една книга, кога можете целиот серијал? Патем, кај нив е активна иницијативата „состанок на слепо со книга“ како и ред нови наслови… новост се и уникатните и специјално дизајнирани новогодишни честитки.
Книжарница Или-Или е во фаза на издавање на неколку нови книги од македонски автори, од кои „Не одам никаде“ на Румена Бужаровска, „Утеха за голите“ на Давор Стојаноски и доста други. Во исчекување сме на нивниот новогодишен попуст.
Па, правец по книжарниците низ Скопје – ветуваме одлично дружење и одлични подароци – како за себе, така и за Вашите најблиски!