Годишната изложба на основни училишта е традиционална изложба организирана од страна на Националната галерија на Македонија. Од досегашните искуства таа преставува одлична можност учениците да ги усовршат своите творечки способности, да го развијат визуелното помнење, да ја ослободат својата фантазија на најдобар можен начин.
Годишната изложба на основни училишта секоја година третира како тема еден од нашите најголеми македонски ликовни автори. На таквиот начин учениците имаат можностда ги прошират знаењата за нашето уметничко богатсво, да ги запознаат уметниците и нивните уметнички дела на најдобар можен начин. Преку делата на еминентните уметници, тие учат и за различните ликовни правци , материјали и ликовни техники. После организираните посети на изложбите, кратките предавања за уметникот како и прикажување на документарен филм учениците се подготвени да учествуваат во креативните работилници создаваќи креации налик на уметниците. Понекогаш тие се со сосема нов израз, детски, наивен, давајќи секогаш позитивна слика за животот. Така, оваа година учениците од различна возраст својата инспирација ја црпеа од творештвото на Драган Попоски Дада. Преку забава и игра тие со глината моделираа и создаваа креации многу слични на оние од големиот уметник. Освен со глина тие свои креации изработија и со стиропор, направија и голем број цртежи, а од сите изработени творби произлезе изложбата насловена токму „Дада и јас“.
Изложбата ќе биде отворена на 21 ноември 2018 год. во 13 часот во Даут пашин амам, а ќе биде презентирана до 24.11.2018 год. информира Маја Димитрова, едукатор. Ваквите проекти се корисни бидејќи учениците на едноставен начин учат за сите оние вредности кои ние како држава ги поседуваме и истите треба да ги негуваме и почитуваме. Отварајќи им ги портите на уметноста придонесуваме за развој на децата за подобри наши идни генерации.
Национална галерија на Македонија