Пред официјалниот старт на јубилејната 20-та едиција, ТАКСИРАТ Фестивал ВЕЧЕРВА ја повикува својата публика и пријателите на ТАКСИРАТ ДРУЖБА во МКЦ Скопје, на која задолжен за музиката ќе биде еден од најверните пријатели на Таксират – МАНУ ЧАО!

Во оваа прилика, со почеток во 20:30ч, Ману Чао со 60-минутен акустичен настап ќе го претстави EL CHAPULIN – неговиот нов соло проект, а потоа дружењето музички ќе го режира уште еден наш драг пријател, диџеј Чарли. ТАКСИРАТ веќе 20 години е музичката алтернативна во Македонија и фестивалска приказна која ја создаваат ентузијасти со одвишок позитивна енергија, па ВЕЧЕРВА едно такво другарско музичко напојување споделуваме со публиката, со пријателите, а како што и доликува на еден другарски собир, ВЛЕЗОТ Е БЕСПЛАТЕН за сите!
НАД 40 КОНЦЕРТИ ВО СКОПЈЕ ЗА ЈУБИЛЕЈНИОТ ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ!

Официјалната програма на ТАКСИРАТ #20, оваа зима ќе започне на 29-ти ноември со првиот, македонски панел на ПИН музичката конференција, а вечерта е официјалното отворање на Таксират со концертот на Д-Р НЕЛЕ КАРАЈЛИЌ, сејугословенската легенда од „Забрањено Пушење“ и „Топ листа надреалиста“. По 20 години легендата оваа година се врати на сцена со спектакуларен концерт кој го одржа пред повеќе од 40.000 посетители во Белград, а на наше огромно задоволство, му посакуваме добредојде и во Скопје со концерт за кој Неле вели дека е своевидно „патување низ времето“ на коешто тој го претставува „целокупниот Неле“ и оној од „Забрањено пушење“ и оној од бендот „No smoking orchestra“ и некои нови остварувања.
ПИН конференцијата, пак, покрај панел-програмата, во вечерните часови пред македонската публика ќе ги претстави настапите на повеќе од 20 нови музички таленти и најпотенцијални изведувачи од различни земји во Европа и тоа сите со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ, па така, на 30-ти ноември и 1-ви декември во Младинскиот Културен Центар, покрај странските гости, ќе ги погледнеме и звучни имиња од домашната сцена како STRING FORCES, ГОРАН ТРАЈКОСКИ, EGORYTHMIA, ДУПЕР и други.
Понеделникот, 3-ти декември е резервиран за еден од најавтентичните автори во регионов, РАМБО АМАДЕУС кој конечно кај нас ќе го претстави неговиот веќе славен театарско-сценски перформанс „Вечер на гломазна поезија“. Ова е воедно и првиот РАСПРОДАДЕН настан од програмата на Таксират 20, а имајќи го предвид интересот за останатите фестивалски вечери, сигурно е дека многу скоро во „sold-out“ листата ќе се запишат и други настани од офф-програмата на Таксират во чии рамки се најавени концертите на AT THE GATES и КИБОРГ, ЛУЗЕР ФЕСТ, а секако и ГЛАВНАТА ВЕЧЕР на ТАКСИРАТ 20 која го привлекува најголемиот интерес!
MANDO DIAO, NOUVELLE VAGUE, THERAPY?, SMUT и RAHZEL на главната вечер!

На 8-ми декември во арена „Борис Трајковски“ во Скопје нѐ очекува главната вечер, а тука на три бини со капацитет за 10.000 посетители ќе имаме прилика да го доживееме ТАКСИРАТ во своето вистинско светло. Покрај претходно најавениот, премиерен настап во Македонија на шведскиот инди-рок феномен MANDO DIAO, со концерт на главната вечер ни се придружува и славното француско арт-кабаре NOUVELLE VAGUE! Бендот кој во шармантен боса-нова манир ги редефинира најзначајните периоди од панк и рок историјата, на 8-ми декември повторно го носи во Скопје неодоливиот звук кој отвори поинаква димензија на новиот бран. Nouvelle Vague во организација на Пасворд Продакшн и Таксират досега има одржано два распродадени концерти во Скопје, а овој пат покрај 20-тиот јубилеј на Таксриат имаме уште неколку поводи за нивното гостување кај нас. Тука секако е претставувањето на нивниот актуелен и одлично оценет албум „I Could Be Happy“ кој групата го објави кон крајот на 2016-та но кој за прв пат ќе го претстави пред македонската публика и тоа пред самиот старт на прославата за нивниот 15-годишен јубилеј во 2019-та за кој бендот најавува ново издание, а од кое дел со сигурност ќе имаме привилегија премиерно да чуеме на ТАКСИРАТ!

Љубителите на жестокиот звук веќе ги израдува веста дека THERAPY? докажаниот алт-метал бенд од Северна Ирска кој скоро 30 години е во врвот на светската алтернативна сцена каде што негува речиси култен статус, ќе настапи на ТАКСИРАТ претставувајќи го и својот нов, 15-ти студиски албум CLEAVE (септември, 2018)! Со ново издание и уште пожесток звук, главната бина ќе ја затресат и SMUT, гордоста и основоположниците на македонската метал-кор сцена, кои две години по концертот за 20 години постоење, се враќаат со full-set концерт на домашен терен, овој пат за јубилејната 20-ка на ТАКСИРАТ и уште еден успех како повод – одличен албум „ТИЕ СЕ НАСЕКАДЕ“!
И втората бина, денс-стејџот на Таксират ни го претстави својот прв потврден изведувач и тоа RAHZEL неприкосновениот светски битбокс шампион, повеќекратен Греми освојувач и член на најдобрата live хип-хоп група The Roots. На 8-ми декември тој ќе настапи во Скопје заедно со the X Ecutioners – тандемот на едни од највлијателните скреч-диџеи Total Eclipse и Precision.
Билетите за главната вечер на ТАКСИРАТ се веќе пуштени во продажба и како секој пат досега на Таксират, со неверојатно ниска цена од САМО 500 ДЕНАРИ, за настапите на дестина изведувачи во една вечер, на 8-ми декември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје!
И тоа не е сѐ! Одбележувањето на 20-ката на ТАКСИРАТ започна со легендарните Kraftwerk уште во февруари годинава, продолжи со фантастичните, распродадени концерти на Laibach, Akua Naru, Gogol Bordello, Peter Bence, Inner Circle и еве сме пред самото финале и официјалната фестивалска програма која во градот убав ќе се одржува секојдневно почнувајќи од 29-ти ноември, па сѐ до 8-ми декември, а програмата целосно ќе биде објавена во наредниве денови.
За 20 години ТАКСИРАТ во Македонија! Преврти го Скопје наопаку!