Со задоволство ве известуваме дека на Скопје филм фестивал, синоќа во кино Милениум, како дел од Програмата Македонска продукција, се одржаа премиерни проекции на неколку краткометражни македонски филмови. Меѓу нив „Благословена“ во режија на Милиана Ленак, продукција на ФАМУ и Квазар филм. Првиот краток филм на Ханис Багашов „Мишко“, потоа филмот „Водата“ на Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов, кој е копродукција помеѓу Македонија, Албанија и Мексико. „Последните камбани“ на режисерот Николче Поповски и „Другиот“ на Батухан Ибрахим. По проекциите, авторите и екипите на филмовите се поклонија пред публика и кратко ги претставија своите филмови.
Исто така во „Милениум“ се одржа скопската премиера на кратометражниот игран филм „Види ја ти неа“ на режисерот Горан Столевски, копродукција меѓу Црна Мачка Продукција и Скопје Филм Студио. Филмот беше прикажан на 38. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, каде ја освои наградата Мала камера 300 по што следуваа престижните фестивали во Санденс, каде му беше доделена наградата Најдобар интернационален краток филм и 40. Клермон-Феран фестивал за краток филм, најпрестижниот фестивал на светско ниво посветен на краткиот филм.
На ЕСРА се одржа работилница на која посетителите, главно млади автори и студенти имаа можност да слушнат од француските режисери како се пишува, режира и продуцира прв игран филм.
Претходно гостите на фестивалот од Франција: Леа Мисиус, режисерка на филмот „Ава“, Фани Ивоне, продуцентка, Кристоф Рожин, режисер на филмот „Скришно“ и селекторот Навид Сарем имаа можност да ја разгледаат историската филмска поставка во Кинотеката на Македонија.
Во киното Фросина се одржа дискусијата на тема „Размислувања за квир кинематографијата“.
Жоао Флоренсио (Универзитет Екситер) и Станимир Панајотов (Централноевропски универзитет, Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје) ја запознаа публиката со кусата, но моќна историја на квир филмот.
„Не сакаме на оваа тема да ѝ пристапиме на типичен историографски начин, туку да анализираме одредени теми во рамки на промените и развојот што го доживеа квир кинематографијата“, рече Панајотв.
Од претставувањето на геј луѓето во филмовите како криминалци до нормализацијата на квир културата, предавачите, низ парадигматичните примери на развојот на квир филмот ги анализираа делата на легендарните независни режисери и сценаристи, како Жене, и Џарман преку Грег Араки и новата квир кинематографија, сè до Брус Лабрус, како и поновите документарци за кризата со сида и историите на сеќавање, и улогата на порното во современиот квир филм.
Селкторот на Програмата Квир фокус, Александар Ковачевски го промовираше македонскиот превод на книгата „За засрамените геј мажи“ од Ендру Хоџс и Дејвид Хатер.
„Кога ги побаравме авторските права, авторите ни рекоа дека со задвовлство ни ги отстапуваат со надеж дека нам нема да ни потребни 30 години за да стигнат таму каде што се, ни посакаа да напредуваме со поголема брзина отколку британското општество“, рече Ковачевски.
Програма за среда 25 април:
Кино Фросина:
17:00h
ЧИСТИ СРЦА /PURE HEARTS (2017)
Режија: Roberto De Paolis
Улоги: Selene Caramazza, Simone Liberati, Barbora Bobulova, Stefano Fresi
Italy, 115 min.
19:00h
ИЗВЕШТАИТЕ ЗА САРА И САЛИМ / THE REPORTS ON SARAH AND SALEEM (2018)
Режија: Muayad Alayan
Улоги: Maisa Abd Elhadi, Adeeb Safadi, Sivane Kretchner
Palestine/Netherlands/Germany/
Mexico, 127 min.
21:00h
КРВАВО МЛЕКО /BLOODY MILK (2017)
Режија: Hubert Charuel
Улоги: Swann Arlaud, Sara Giraudeau, India Hair
France, 90 min.