По повод меѓународниот ден на Жената – 8-ми март, Скопје Сити Мол, во соработка со Археолошкиот Музеј, Музеј на македонската борба и Ансамбл Македонија, ја организираат првата вон музејска поставка на артефакти, носии и инсталации за жената во Македонија. Ова експо за прв пат, на едно место со голема синергија ќе ја прикажат жената во Македонија во вид на патување низ времето.
Македонската жена е претставена преку 8 археолошки експонати насловени како “Праисториските дами од Македонија” кои датираат од 6 милениум п.н.е (среден неолит), па сè до средината на 3 милениум п.н.е (крајот на енеолитот); 6 историски инфо табли каде е претставена “Жената борец за државност и самостојност”, жена која во овој период била бунтовник, револуционер и пред сè борец; како и 5 експонати кои ја отсликуваат Македонската жена низ фолклорот, преку артефакти кои го достигнале врвот на својата убавина, грациозност и доминантност во 20-тиот век, а се вбројувани во носија од највисок ранг во светски размери.
Во рамките на отворањето, со цел доближување на жената низ етнолошка призма поблиску до скопската публика, Ансамблот Македонија изведе музички перформанс за паметење.
Треба да постојат вакви поп ап изложби од време на време бидејќи е битно поставките да ги видат што е можно поголем број на луѓе, со оглед на тоа дека навиките се сменети, а технологијата го има својот замав. Скопје Сити Мол е можеби најдоброто место каде илјадници луѓе поминуваат на неделно ниво – велат претставниците од Археолошкиот Музеј, Музејот на македонската борба и Ансамблот Македонија.