Харизматичниот роман на Виктор Ремизов, што беше финалист на престижните награди „Биг Бук“ и на рускиот „Букер“, е приказна за луѓето и за нивната волја за слобода во рускиот далечен исток.
Покрај дивата тајга, брзите потоци полни со риба и самурите со скапоцено крзно постои паралелен свет што, непречен од непредвидливоста на мајката природа во овие сурови краишта, упорно наоѓа патишта да се кристализира во корумпирани полицајци, ловокрадци и по некој залутан банкар од Москва.
Наскоро, овој вековен екосистем е нарушен од амбициозниот полициски службеник, кој во желбата за брз напредок низ полициските рангови предизвикува конфликт помеѓу мештаните-ловокрадци индиферентни кон законите во оваа дива земја, локалната корумпирана полиција која им прогледува низ прсти и властите во Москва.
Приказната кулминира кога хеликоптерот на руските специјални сили, дојдени да воспостават ред во дивите населби, е разнесен над тајгата. Поетот, селскиот бард, активира граната во леталото и ги спасува пријателите – прогонетите ловокрадци.
Романот на Ремизов нуди уникатно ретрочувство што го повикува назад духот на подзаборавениот социјален расказ и му дава нов живот. Место каде што природата, селаните, ловокрадците и руските институции луцидно се испреплетуваат во критика на руското модерно општество. Паралели или сличности со кинематографското остварување на Андреј Звјагинцев, „Левијатан“, се пожелни.