Во срцето на Фиренца, по должината на реката Арно, се протега луксузниот хотел Portrait. Овој омаж кон безвременскиот луксуз на високата мода има привилегиран поглед на најпознатиот фирентински мост, Понте Векио, создавајќи панорама која го одзема здивот. Поранешната приватна резиденција, денес е претворена во ексклузивен хотел кој нуди 32 апартмани и 4 соби за гости.
Најлуксузната компонента на овој угостителски објект се купатилата Салваторе Ферагамо. Луксузните мермерни кади, покрај удобноста, нудат панорамски поглед на овој италијански град, а вашата релаксација тука ќе добие нова димензија. Самиот хотел е дел од колекцијата Лунгарно која му припаѓа на семејството Ферагамо, а на гостите им се нуди бесплатен влез во истоимениот музеј за обувки и попуст во сите активности на овој бренд.
Иако се наоѓа во срцето на градот, оваа резиденција ветува максимален мир и потребна тишина. Пространите апартмани се опремени со светол мебел во бела, крем и кафени нијанси и обезбедуваат доволно удобност дури и за најпребирливите гости. Чистите линии на овие апартмани се комплетирани со автентични фотографии од светските ѕвезди од минатиот век кои престојувале во Фиренца: Кларк Гејбл, Одри Хепберн, Војводата од Виндзор и други.