
Во кампањата главни ликови се членки од БОРКА, жени оперирани од рак, кои прв пат ја отворија својата душа пред јавноста и проговорија за стравот, болката, неизвесноста, но и за надежта, истрајноста и храброста да се соочат со дијагнозата и преку пораки изразија благодарност до оние кои биле покрај нив во текот на лекувањето.
“БОРКА веќе 10та година помага и дава поддршка на пациентите и нивните семејства. Истовремено работи на подигнување на свесноста за оваа болест, информира и врши едукација на населението, лобира кај властите за подобрување на квалитетот на живот на пациентите заболени од рак, но за жал, сугестиите за промени тешко допираат до надлежните, но и до народот. Секогаш тоа е нешто кое му се случува на некој друг. Но, ракот не е болест на индивидуата, туку тоа е болест на целото семејство. Тоа е болест на целото општество и потребна е масова мобилизација на сите чинители во општеството за да може да се променат бројките и да се спасат повеќе човечки животи, бидејќи во моментов, Mакедонија е една од водечките земји во светот по смртност од рак – трета во Европа”, вели Биба Додева, Претседател на здружението.
Во Македонија, 20 нови пациенти се дијагностицираат со некаков вид на рак , а 13 пациенти од рак умираат дневно во Македонија.