Уметница која “Играта на водата” ја работи во акварел техника и лавиран туш, овој петок не’ кани на отворање на нејзината петта самостојна изложба, која всушност е преземање на изложбата која се отвори во Домот на културата во Гостивар во октомври 2016 година.
За своите дела, Ми Ева ќе каже дека „точката на инспирација е флуидноста, движењето, неповторливоста, колоритот и играта која водата како елемент ја создава. Водата како есенцијален елемент за живот е инспирација за многубројни уметници, писатели па дури и филозофи. Движењето на водата, играта, флуидноста и судирот кој водените млазови ги создаваат се неповторливи. Дел од секунда. Судирот на водата со разновидни други материи, земја, песок, растенија, дури и временските фактори, е рефлексија на играта помеѓу водата и нејзините “соперници“.“
– „Рефлексијата која сите водени површини ја креираат е рефлексија на се што се случува над водата и под водата. Одразот кој исто така е игра, е всушност судир на бои, облици, кои во водата добиваат нереална, магична перцепција за водата како еден елемент, за кој не сме свесни дека всушност е насекаде во исто време.“, вели Блашка.
На 17ти февруари во 20 часот, се гледаме во Музеј на Град Скопје. Изложбата ќе биде отворена до 1ви март 2017.