Доколку сакате да отпатувате и доживеете магијата на новогодишните и божиќните празници во полн сјај, наша топла препорака е да го посетите бајковитиот Колмар.
Интимен и автентичен, Колмар е град во покраината Алзас, североисточна Франција, кој изгледа како место од бајките. Неверојатно зачуваните градби и богатото историско наследство го прават едно од најубавите места во светот, но и омилена дестинација на туристите, кои масовно го посетуваат во текот на целата година. Сепак, овој идиличен француски град е најволшебен за време на новогодишните и божиќните празници. Од 1998 година, градот Колмар ги инспирира своите жители да се препуштат на имагинацијата и доловат духот на Божиќ на најдобар можен начин, па се организираат натпреварувања во три категории: најубаво украсена куќа, прозорци и балкони, најубав божиќeн пазар, како и најубаво декориран излог во продавница.
Украсите се поставуваат кон крајот на ноември, а целиот град сјае се’ до половината на јануари. Додека шетате низ градот, ќе забележите дека домаќините водат сметка секое катче од градот да емитува празнична атмосфера. Буквално целиот град е украсен како на сон – стариот центар се претвора во една голема отворена сцена, каде топлото божиќно расположение ви ги грее срцата. Постојат вкупно пет божиќни пазари, а еден од нив е посветен исклучиво на најмалите. Лавиринтот од мали улички, романтично збиените куќички со колоритни фасади, штандовите на кои се продаваат традиционални ракотворби и вкусни деликатеси, како и уличните концерти и мноштвото светилки кои го красат градот во текот на празниците, ќе направат да доживеете мигови за паметење.