Зад дизајнот на оваа прекрасна вила се потпишуваат Mirko Di Matteo Designs од Хрватска. Миксот на различни стилови е она што воодушевува на прв поглед. Куќата се наоѓа во мало, мирно селце во Истра. За да се создаде оригинален и уникатен простор, дизајнерите одлучиле да направат комбинација од егзотичниот дух на Бали заедно со француските шик елементи. Прво што се забележува пред куќата е фантастичниот зен простор за сончање и уживање во пространиот базен. Исто така, целиот простор изобилува со бујна вегетација, што уште повеќе придонесува за смирен амбиент.
Ентериерот е составен од парчиња винтиџ мебел кои совршено се вклопуваат во атмосферата на камената вила. Кујната на долниот кат е сон за секој хедонист и љубител на готвењето. Терасата на горниот спрат пружа неповторлив поглед на Истра, а секој оброк во големата трпезарија е посебен сам по себе. Дополнителен романтичен додаток се удобните лежалки на кои уживањето со чаша вино и книга е непроценливо.