„Балканските фаци“ е серијал кој дефинитивно ќе остави длабок впечаток кај Вас поради реалната прикажаност на секојдневието на улиците, без шминка, без разубавување, само моментот професионално документиран. Серијал кој го отсликува Балканецот заедно со својата работливост, пожртвуваност, добрина и чесност. Секојдневието на овие „балкански фаци“ ќе Ве поттикне да забележувате детали по нашите улици кои претходно сте ги игнорирале на одминување.
Спонтаноста на фотографијата го прави овој серијал неверојатно интересен. Балканските фаци се од сите возрасти, од седум до седумдесет и седум. Мажи и жени. Сите залутани во светот на своите мисли, грижи, проблеми. Децата се способни од се да направат игра, возрасните се способни да им ги исполнат соништата на нивните најмили, често жртвувајќи ги своите.
Сепак, Балканците не се разликуваат многу од другите луѓе, нели?
Целта на фотографиите на Натали е да направат на почувствувате нешто. Дали тоа ќе биде копнеж за домот, копнеж за нови хоризонти, копнеж за авантура. Пријатност, непријатност, љубопитност, сожалување, завист. Целта не е никако да се претстават субјектите во совршено, недостижно светло. Субјектите се реални, убави и совршени во своите природни форми и суштина на постоење.
Повеќе фотографии од овој серијал можете да погледнете тука.