На девети овој месец се отвори 69 издание на престижниот фестивал во Кан. Овогодинешното издание беше отворено со премиерата на филмот “Кафе друштво” на познатиот Вуди Ален.
Создавањето на Канскиот фестивал се поврзува со најстариот фестивал на светот, со Венецијанскиот фестивал, кој пак ги бележи своите почетоци во 1932 година. Бидејќи во тоа време владеел Мусолини, па така и фестивалот се здобил со фашистички елементи. Поради тоа француските власти веднаш предложиле да се формира посебен фестивал на територијата на Франција.
Тогашното министерство за надворешни работи дало зелено светло за формирање на филмски фестивал, а изборот паднал на градот Кан, поради убавините на градот и специфичната атмосфера која владее во него.
Првото издание на Канскиот фестивал се одржало на 1 септември во 1939 година. Првиот претседател на фестивалот бил познатиот Луи Лимиер. Точно на денот на отварањето на фестивалот Хитлер ја нападнал Полска со што почнала втората светска војна и така фестивалот бил веднаш прогласен за затворен. По завршувањето на војната фестивалот бил повторно отворен во 1946 година. Насекаде низ градот биле поставени постери од филмовите кои ја најавувале оваа голема манифестација, а биле поканети познати имиња од филмскиот свет како што се; Гари Купер, Тајрон Пауер, Норма Шаер и други. Биле присутни над 300 гости а биле прикажани 44 филмови. Првата награда ја добил познатиот режисер Роберто Роселини за филмот”Рим отворен град”.
Треба да напоменеме дека во изминатите децении Канскиот фестивал бил бојкотиран од страна на американските студија заради своите селекции. Така на пример ниеден странски филм во службена конкуренција не бил титлуван на англиски јазик, и поради тоа публиката се служела со помош на слушалки.
Главната награда “Златна палма” се до 1955 година се викала “Гранд При”, а се доделувала за најдобар филм, најдобар актер, актерка и режисер. Одлуката за добитници на наградите ја донесува стручното жири составено од еминентни филмски работници и други угледни лишности од областа на уметноста.
Златната Палма останува единствената награда која е всушност вистинска мерка за талент додека американскиот оскар обезбедува комерцијален успех во светот на филмот. За многумина канското признание е еднакво на Нобелова награда за уметност. И годинава фестивалот ја има истата енергија и страст како и во неговите почетоци.